Роси: Се чувствувам подобро, но тешко ми е да гледам трки на ТВ
„Ми носат храна и не гледам никого. Досадно ми е“.
Валентино Роси полека се опоравува од инфекцијата со корона вирусот. Тој сè уште одмара дома и, ако сè оди како што треба, на патеките ќе се појави за време на тркачкиот викенд во Валенсија.
Како што вели, тешко му е да ги следи трките на ТВ, а тој бил особено разочаран од неуспехот на неговите екипи во Мото 2 и Мото 3 на претходната трка.
„Бев убеден дека Безеки ќе победи. Многу ми беше жал кога тој падна во финишот, останав без текст“, вели Роси за Sky Sport“.
За денови во изолација и закрепнување, Роси вели:
„Мислев дека сè ќе изгледа како претходниот престој во карантин, но сега морам да бидам постојано сам. Ми носат храна и не гледам никого. Многу ми е досадно. Сепак, добрата вест е дека се чувствувам далеку подобро отколку пред два дена. Сè уште сум слаб, но барем веќе немам треска и главоболка“.
Кога по завршувањето на натпреварот ќе се направат анализи, тековната сезона најверојатно ќе биде опишана со зборот „чудна“! Промените во календарот и различните мерки воведени од земјите поради епидемијата влијаеа на подготовките на возачите. Почетокот на шампионатот го означи повредата на Марко Маркез, а густиот распоред не оди рака под рака со повредени и болни возачи. До пред еден месец, Роси се чинеше дека има шанса да се вклучи во борбата за титулата. Сепак, по три откажувања беше јасно дека нема да има ништо од 10-та шампионска титула.
„Веќе минував низ тежок период кога се разболев. Навистина е лошо и тажно да се остане дома, тешко е да се следат трки на ТВ. Јасно ми е дека нема да можам да возам викендов, бидејќи до вчера бев болен. За жал, мислам дека ќе биде уште потешко за мене следната недела затоа што ќе се чувствувам подобро, а нема да можам да излезам на патеката“.
„Што се однесува до шампионатот, мило ми е што Yamaha е конкурентна. Сепак, кога ќе видам колку добри резултати постигнуваат Вињалес и Квартараро, станува уште потешко за мене затоа што сум затворен тука и не можам да возам“.
„Не ми е јасно што се случи со Ducati минатата недела. Honda напредуваше, а Suzuki докажа дека секогаш мора да сметате на нив. Мислам дека Мир е свесен за фактот дека може да стане шампион. Тој многу напредуваше, се гледа дека работи напорно. Тој е во одлична форма“, коментира Роси.