По претставувањето на рестилизираниот модел 3008, француската марка го претстави и освеженото издание на својот најголем теренец

Визуелните промени се скоро идентични со оние што беа претставени во 3008-цата. Напред, моделот е значително променет со вметнување на LED „песјаците“, како и решетката на ладилникот без рамка. Видлива е рестилизацијата на предните светлосни групи, исто како и имплементацијата на бројот 5008 на хаубата, кој го означува моделот на Peugeot.

Францускиот производител одлучил да го збогати списокот на стандардна опрема, па сега LED светилките се стандард, како напред така и позади.

Во кабината, Peugeot не се откажува од својот уникатен стил, каде што инструмент таблата се гледа преку воланот, а не низ него. Дигитализацијата е секако клучен збор, така што таблата со инструменти е 11-инчен дисплеј, додека 12,3-инчен екран е поставен на врвот на централната конзола, а се користи за контрола на инфо-забавниот систем.

За среќа, во Peugeot сè уште не е во тренд елиминирањето на физичките прекинувачи, така што во освежениот 5008 сè уште наоѓаме ваков тип на команди. Уште повеќе, тие се изведени во „пијано“ стил, што особено придонесува за убавата визуелна атмосфера во возилото.

Бесконтактниот полнач за мобилни телефони, Android Auto и Apple Car Play доаѓаат како стандардна опрема, а по рестилизирањето, моделот 5008 може да се пофали и со нови три USB порти.

Адаптивната контрола на крстарењето, AEB, како и системот за препознавање сообраќајни знаци сега се дел од богатата листа на стандардна опрема што доаѓа со Peugeot 5008.

Што се однесува до гамата на мотори, Peugeot тука не сменил ништо. Значи, воведната единица е добро познатиот 3-цилиндерски бензински мотор 1,2 PureTech, а ако некој сака помоќен бензински мотор, може да се определи за погонски агрегат од 1,6 литри, кој се спојува само со 8-степен автоматски менувач. Дизелските бои ги бранат две единици со работен волумен од 1,5 и 2 литри.

Peugeot сè уште не ги објавил цените во врска со освежениот 5008, но се очекува тоа да го стори во наредниот период. Овој рестилизиран модел ќе влезе во продажните салони на крајот од оваа година.