Дефинитивно одлична прва трка од новата MotoGP сезона. Победата во трката за ГН на Шпанија во Херез ја однесе младиот Французин Фабио Квартараро, но главен јунак на трката сепак беше Марк Маркез

По само четири извозени круга, Маркез беше во водство пред Вињалес, Милер и Квартараро, но во еден момент ја загуби контролата врз мотоциклот и излета надвор од патеката. Како што често сме гледале од Шпанецот, со извонреден рефлекс успеа да се одржи на мотоциклот и не падна. Сепак тоа ги чинеше пад од првата на дури 16-та позиција.

Но тоа е Маркез. Никогаш немојте да го отпишете. Максимално го забрза темпото, започна да се качува во поредокот и на осум круга до крајот стигна до позицијата број 6.

За тоа време, доаѓа до смена на лидерската позиција, бидејќи Маверик Вињалес имаше идентични проблеми со предната гума на мотоциклот како и Маркез, и по две грешки, Фабио Квартараро се најде на чело од колоната, а зад него се најде Џек Милер.

На шест кругови до крајот, Довициозо кој започна како осми, мораше да ја брани својата тогаш четврта позиција од Маркез, но по еден ризичен потег, беше истуркан од Маркез.

Вињалес во меѓувреме успеа да се врати на второто место, оставајќи го Милер зад себе кој не успеа и во дуелот со Маркез, по што падна на четвртата позиција. Милер се обиде да ја врати позицијата на следната кривина, но Маркез беше внимателен и го спречи тоа. Иако пред само неколку кругови можеби се беше изгубено за Маркез кога станува збор за подиумот, сега веќе истиот беше реалност. Во меѓувреме Квартараро на Petronas Yamaha прави 5 секунди разлика на 5 круга до крајот во однос на Вињалес, а во исто време Валентино Роси поради технички проблем пред време ја завршува трката.

Веќе во следниот круг, Маркез паѓа на петата кривина. Повторно му „побегна“ предното тркало, а Маркез полета како исфрлен од катапулт. Падот беше сериозен што по трката и се потврди. Маркес има скршеница во пределот на надлактицата на десната рака. Колку време ќе биде надвор од патеката засега нема информација. Како потсетување, зимоска Маркез го оперираше рамото кое го мачеше долго време.

https://youtu.be/GoDMEuEZxGw

На два круга до крајот за малку беше избегнат нов инцидент. Контакт помеѓу Френк Морбидели и Андреа Довициозо, за среќа без последици.

Во исто време, Фабио Квартараро само рутинирано извозе до убедлива победа. Довициозо го мина Милер и успеа да стигне до подиумот и многу важни бодови и за себе и за тимот на Ducati.

РЕЗУЛТАТИ:

MotoGP Jerez 2020 ЦЕЛА ТРКА / ВИДЕО

https://youtu.be/bTt59bJcP8Y

Шампионатот стартуваше спектакуларно, а следната трка од шамионатот се вози веќе следниот викенд, повторно во Херез, но овој пат за ГН на Андалузија.