Деби за рестилизираниот BMW M5 / ФОТО
Рестилизацијата е сериозна, а главно се однесува на удобноста и управливоста
Само една недела по претставувањето на рестилизираната Серија 5, BMW официјално ја претстави и рестилизираната спортска верзија M5. Некои од иновациите се исти како кај стандардниот седан – најмногу во изгледот и дополнителните асистенти на возачот, но има и други промени.
Рестилизираниот BMW M5 се разликува по редизајнираната решетка на ладилникот во однос на онаа што ја видовме кај стандардната Серија 5 пред неколку дена. Променети се и формата на предниот браник и оптиката, а на задниот дел се појавиле светла со тродимензионална шема, како и дифузер и цевки од издувниот систем со нова форма.
„Хардкор“ верзијата BMW M5 Competition традиционално ќе има црни акценти наместо хром, како и издувни цевки во иста боја. На барање на клиентот, овој седан може да биде опремен со спортски издувен систем со вградени вентили за прилагодување на јачината на звукот. Покрај тоа, М5 сега е достапен и во 5 нови бои и со тркала од 20 инчи, познати од М8.
Главната промена во ентериерот е појавата на 12,3-инчен екран на предниот панел. Од BMW M8 е позајмен и концептот за избор и прилагодување на електронските режими, вклучително и специјалниот мултимедијален интерфејс и копчето М Mode.
Моторот на спортскиот седан останува ист, односно 4.4-литарски V8 со 600 КС и 750 Nm кај M5, и 625 КС кај М5 и ист вртежен момент. Кај топ верзија, максималниот вртежен момент сега е достапен до 5.860 вртежи во минута, но тоа не влијае на забрзувањето. Стандардниот М5 до 100 km/h од мирување стигнува за 3,4 секунди, а до 200 km/h за 11 секунди. Бројките кај BMW M5 Competition се 3,3 и 10,8 секунди, соодветно.
Максималната брзина е 250 km/h, но ограничувачот може да се отстрани, а тогаш седанот оди до 305 km/h. Моторот е спарен со 8-степен автоматски менувач и погон на четири тркала, а со заклучување на предната оска BMW M5 станува автомобил со погон на задните тркала.
Поставките на системот се малку оптимизирани, но инженерите сериозно работеле на шасијата. Повеќе не е крута и чувствителна како претходно, затоа што се поставени прекалибрирани амортизери од BMW M8 Gran Coupe. Тие обезбедуваат подобрена рамнотежа, управливост и комфор.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1LaRPFD_tehTn85IUy4_IMcr-7Z_V5Dbo” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
Продажбата на европскиот пазар ќе започне во јули, а веќе е јасно дека моделот ќе поскапи. Во Германија, цените на рестилизираниот BMW M5 започнуваат од 120.900 евра, а верзијата M5 Competition е поскапа за 9.000 евра.