Volkswagen, исто така, нема намера да ги намали работните места доколку продолжи прекинот на производството во фабриките надвор од Кина, предизвикано од пандемијата на коронавирус

Најголемиот производител на автомобили во светот, кој се соочува со фиксни трошоци поголеми од две милијарди евра неделно, затоа што неговите погони во Европа не работат, е обврзан со строгите европски регулативи за емисија на штетни гасови и може да се соочи со тешки казни ако не успее да продаде доволно електрични и хибридни возила во текот на 2020 година.

„Ние се бориме да го испочитуваме тој датум“, вели Френк Витер, главен финансиски директор на компанијата, но признава дека на Volkswagen „рацете му се врзани“ поради затворањето на погонот во Цвикау, каде се изработува моделот ID.3, како и поради одложувањето на развојот на софтверот за ова возило.

Витер додава дека VW, која ги затвори своите европски погони барем до 9-ти април, се надева дека ќе го продолжи производството уште пред летото.

„Не размислуваме дека затворање на погоните до јуни е веројатно сценарио. Сепак, правната рамка и подготвеноста на купувачите повторно да ја преиспитаат одлуката за купување на автомобил ќе бидат клучните фактори во донесувањето на одлуката“, заклучува Витер.

Проценките се дека глобалната автомобилска индустрија во 2020 година ќе претрпи поголем пад отколку за време на финансиската криза во 2008 година, со околу 10 милиони помалку продадени возила, според податоците на IHS Markit.