Dacia добива електричен модел во гамата
Францускиот Renault кој е сопственик на Dacia, потврди дека романската нискобуџетна марка наскоро ќе го збогати своето портфолио со EV модел
Со оглед на тоа што Renault со години наназад нуди електрични модели, беше само прашање на време кога својата технологија ќе ја отстапи и на романскиот производител.
Плановите на Renault за периодот до 2022 година, се споменува лансирање на целосно електричен модел кој е заведен како Dacia Urban City Car.
Кога точно оваа електрична Dacia ќе се појави на пазарот не е прецизирано, но се вели дека тоа ќе биде во периодот 2021-2022 година.
Имајќи предвид дека описот на возилото е мал градски електричен модел, една опција е тој да биде препакуван електричен Twingo Z.E, кој Renault веќе го најави за 2020 година и кој најверојатно ќе ја користи електричната технологија na Smart EQ ForFour, со кој ја дели истата механичка платформа.
Друга опција е електричната Dacia практично да биде европската верзија на постоечкиот модел Renault City K-ZE кој се продава на кинескиот пазар. Во тој случај, романската фабрика треба да направи одредени измени за да ги исполни построгите европски стандарди.
Renault City K-ZE користи електричен мотор кој произведува 44 КС и 120 Nm вртежен момент. На автомобилот му се потребни седум секунди за да забрза до 60 km/h, а максималната брзина е 104 km/h. Renault City K-ZE во Кина чини околу 8.000 евра.