Светскиот шампионат во Formula 1 во 2020 година ќе го има своето 71-во издание. Возачите и екипите ги очекуваат дури 22 трки на пет континенти, што воедно значи и најдолгата сезона во историјата на спортот

Но покрај рекордниот број на трки, има уште неколку категории во кои рекордите би можеле да паднат во текот на оваа 2020 година.

Mercedes за цел ја има рекордната седма последователна конструкторска титула, Луис Хамилтон рекорден број победи и подиуми, но и во другите гаражи сонуваат, па затоа можеби ќе го добиеме и најмладиот светски шампион во Formula 1.

Всушност, ова се рекордите кои би можеле да паднат во 2020 година.

Број на победи

Сегашниот сопственик на овој рекорд е Михаел Шумахер со 91 победа во кариерата, но Луис Хамилтон сега има само седум победи помалку. Со оглед на тоа дека Британецот во просек има девет победи по сезона од доаѓањето во Mercedes во 2013 година, прилично е сигурно дека би можеле да имаме промена на престолот до крајот на оваа сезона.

Број на победнички подиуми

Уште еден дуел на Шумахер и Хамилтон, но рекорд кој ќе падне многу побрзо од претходниот, бидејќи Михаел Шумахер е на врвот со 155 пласмани на подиумот, а Луис Хамилтон е зад него со 151.

Конструкторски титули по ред

Рекордот во моментов е шест – Ferrari од 1999 до 2004 година и Mercedes од 2014 до 2019 година. Доколку продолжи доминацијата на Mercedes и оваа година, тоа ќе биде новата најдолга низа во историјата на Formula 1.

Покрај тоа, Mercedes би можел да стане и првиот снабдувач на мотори кој учествувал во освојување на седум последователни возачки титули после Ford-Cosworth, чии мотори ги придвижувале болидите на шампионите од 1968 до 1974 година – Греам Хил, Џеки Стјуарт, Јохен Риндт и двапати Емерсон Фитипалди.

Најмлад светски шампион

Доколку ривалите на Mercedes успеат да ги подобрат своите изгледи за врвот на генералниот поредок, тогаш на крајот од годината би можеле да го славиме најмладиот шампион во историјата. Макс Верстапен и Чарлс Леклерк се големите надежи на Red Bull и Ferrari. Двајцата имаат по 22-години и двајцата се решени да се борат за титулата, доколку тоа им го дозволат нивните болиди.

Инаку сегашниот рекорд е во рацете на Себастијан Фетел, кој својата прва титула ја освои во 2010 година на возраст од 23 години и 134 дена.

Завршени трки меѓу оние кои освоиле бодови

Уште еден рекорд во сопственост на Михаел Шумахер, но колку долго? Во својата кариера, Германецот меѓу освојувачите на бодови бил 221 пат, а зад него со осум пати помалку пласмани се Луис Хамилтон и Кими Раиконен.

Кога станува збор за последователни трки со поени, тука Хамилтон е веќе рекордер со 33. Низата почнува од ГН на Јапонија во 2016 година до Француското ГП во 2018 година. Но, освојувањето на бодови на отворањето на новата сезона во Австралија ќе го подобри неговиот рекорд, бидејќи тој повторно има низа од 33 последователни трки во поени почнувајќи од ГН на Велика Британија во 2018 година па се до последната трка од минатата сезона.

Број на стартови

Носител на рекордот е Рубенс Баричело, кој има 322 стартови во својата кариера. Ако се оди според планот, Кими Раиконен ќе го сруши тој рекорд на австриското Гран при, бидејќи во моментов е на 312.

Број на пол-позиции на иста трка/патека

Луис Хамилтон ќе има шанса да постави нов рекорд доколку ја освои пол-позицијата на ГН на Австралија. Доколку успее, Хамилтон по деветти пат ќе стартува од првата позиција во Мелбурн. Во моментов рекордот го делат тој, Михаел Шумахер и Аиртон Сена – осум стартни позиции на истата локација.

Гранд при победи со водство во текот на цела трка

Аиртон Сена водел во текот на цела трка во 19 од своите 41-на победа во кариерата. Изедначен со него е Хамилтон кој минатата година водејќи во текот на целата трка победи на ГН на Кина, Шпанија, Монако, Франција и Абу Даби.

Grand Chelem е кога еден возач во еден викенд ќе стигне до пол-позицијата, победа во трката, најбрз круг во трката и победа со водство во текот на целата трка. Носител на рекордот е Џим Кларк со осум такви достигнувања, а на Хамилтон му требаат два такви успеси за да се изедначи со сонародникот.

Заклучок е дека Луис Хамилтон е на добар пат да се запише во книгите за рекорди во бројни категории и така дополнително да го зајакне впечатокот што неговата кариера го прави на светот на Formula 1.