Односите во рамките на Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi се нарушени до крајни граници како резултат на скандалот со поранешниот прв човек, Карлос Гон

Гон е во бегство, а компаниите се подготвуваат за живот по него.

Според информациите на Financial Times и Bloomberg, првите луѓе на Nissan забрзано работат на резервен план доколку навистина се случи разделбата со Renault. Во тој случај, Nissan ќе мора самостојно да го организира производството, развојот и управувањето со компанијата.

Јапонскиот дел од оваа група, наводно, уште од минатата година ја истражува можноста за независен опстанок на пазарот, а испитувањето на сопствените инженерски и производствени способности започнале и пред бегството на Карлос Гон.

Според некои извори, двете компании веќе некое време се незадоволни од односот во рамките на алијансата, но си дале рок до 2020 година за да го ускладат работењето и да извлечат повеќе придобивки од соработката.

Извори на Financial Times наведуваат дека Јапонците се уверени дека нивните колеги од Renault ги одалечуваат од вистинскиот пат, а меѓучовечките односи се веќе „токсични“.

Покрај тоа, скандалот со Гон ја доведе групата кон финансиски проблеми и значително ја сруши цената на акциите.

Во случај на „развод“ и раздвојување на Nissan и Renault како главни делови на групата, и двете компании веројатно ќе бараат нови партнери за долгорочна соработка.