Изданието China Daily пишува дека италијанската компанија, X Electric Vehicle (XEV), е со намера да лансира „голем сериски електричен автомобил“ во Кина изработен со помош на 3D печатари!

Во статијата објавена во изданието се вели дека автомобилот за кој станува збор би можел да влезе во сериско производство во вториот квартал од следната година, цитирајќи изјава од Гуо Чаоженг, еден од главните дизајнери на компанијата.

Проектот „Start-up“ е првиот 3D печатен автомобил во Кина во кинескиот  3D-printinig Cultural Museum, еден месец пред кинескиот авто салон Auto China 2018 во Шангај.

„Пред почетокот на сериско производство, XEV има добиено 7.000 нарачки, а многу кинески компании покажаа интерес за нашите производи“, вели Гуо Чаоженг.

„XEV планира постојано да го подобрува овој модел на автомобил во однос на реакциите на пазарот, вклучително и можност за индивидуален дизајн креиран од купувачите“, дополнува Гуо.

Технологијата за 3D печатење бара многу помал број на компоненти, додека периодот на истражување и развој е скратен за две третини.

„Ако на страна се тргнат шасијата, седиштата и стаклените површини, сите видливи компоненти на автомобилот се направени со помош на технологијата за 3D печатење, со што се намалуваат инвестиционите трошоци за повеќе од 70 проценти во споредба со традиционалните возила“, вели Гуо Чаоженг.

Сепак, повеќето производители веруваат дека 3D печатењето е ефикасно само за мали серии и специјални автомобилски апликации, но не е доволно брзо за големо производство. Во употреба е, на пример, во Formula 1, која бара прецизност на максимално ниво.

Како и да е, иднината дефинитивно доаѓа!