Воопшто не е тајна дека на Alfa Romeo очајно и се потребни нови модели за да преживее на пазарот

Со Giulia и Stelvio (Giulietta и 4С се на пат кон пензионирање), на италијанскиот производител му се потребни нови модели за да се справи со германската доминација во премиум сегментот.

Додека кросоверот Alfa Romeo Tonale треба да дебитира во септември оваа година, шпанскиот Motor.es зборува за нов „ас во ракавот“. Имено, Жан-Филип Импарато, првиот човек на италијанската марка, го најавил доаѓањето на ривалот на BMW Серија 5. Шпанскиот портал се чини дека е запознаен со оваа работа, нагласувајќи дека лимузината на сцената ќе стапи во 2025 година, како и дека во моментов е во фаза на дизајнирање. Сепак, во прилог е ексклузивен рендер, за кој само може да се претпоставува дали е доволно автентичен.

Порталот Motor.es споделува и некои детали во врска со идниот седан, кој ќе се базира на скапоцената платформа Giorgio. Седанот ќе биде достапен во бензинска, plug-in хибридна и електрична верзија. Се разбира, сè треба да се земе со мала доза на резерва се додека нема „посилни“ докази. Она што се знае е дека Alfa Romeo, DS и Lancia заеднички развиваат нова генерација автомобили кои ќе бидат лансирани во 2024 година. Формирана е нова соработка во рамките на новоформираниот концерн Stellantis, така што тројцата споменати производители ќе ги споделуваат погонските единици и технологијата кои нема да биде достапни за други брендови.