Студија на меѓународната меѓувладина организација International Transport Forum (ITF), покажува дека секое зголемување на просечната брзина во сообраќајот носи поголем број на несреќи на патиштата

ITF, чија основна дејност е меѓународниот сообраќај и безбедност, ги објави резултатите од истражувањето, според кое зголемување на просечната брзина на патот за десет проценти донесува зголемување на сообраќајните несреќи за 20%, а 30% повисока просечна брзина придонесува за 40% повеќе несреќи со фатални последици.

Студијата е спроведена во десет земји, Австралија, Австрија, Данска, Франција, Израел, Италија, Норвешка, САД, Шведска и Унгарија, односно онаму каде што е променето ограничувањето во однос на брзината на патиштата.

Кога се споредени резултатите од истражувањата во овие земји, било откриено, логично, дека, пониска брзина значи повисоко ниво на безбедност во сообраќајот, односно директна врска помеѓу брзината и несреќите.

Токму затоа, на база на извештајот, ITF препорачува:

– Намалување на брзината на патиштата, но исто така и намалување на разликите во брзината помеѓу возилата

– Ограничување на максималната брзина на ниво што овозможува преживување на човекот без драматични повреди како резултат на несреќа

– воведување на дополнителни мерки онаму каде што е зголемена просечната брзина, на пример, почеста полициска контрола или поголема безбедност на патната инфраструктура

– користење на автоматска контрола на брзината за поефикасно намалување на брзината.

Авторите на оваа студија препорачуваат и разумни ограничувања на брзината:

– 30 km/h во урбаните средини каде моторизираните возила и ранливите корисници на патиштата го делат истиот простор

– 50 km/h во други урбани области со раскрсници и ризик од странични удеси

– 70 km/h на руралните патишта без заштитна ограда помеѓу спротивните ленти, каде што постои ризик од фронтален судир.