Зошто куклите за краш тестовите се толку скапи?
Цената на една кукла може да достигне половина милион долари
Пред еден нов автомобил да добие безбедносен сертификат, тој мора да биде подложен на краш тестови од скоро секој можен агол, а резултатите од овие тестови го одредуваат рејтингот на секој модел во однос на безбедноста. Куклите што се користат за оваа намена се веројатно најважниот дел од овие експерименти. Секоја тест-кукла е покриена со мноштово од сензори и може да сними различни податоци над 10.000 пати во секунда. Технологијата што ги прави толку прецизни е прилично скапа, па така една кукла може да чини и до половина милион долари.
Поради строгоста на краш тестовите кај новите автомобили, куклите се подложени на неверојатни сили. Без разлика дали автомобил удира во нешто или ќе биде удрен од нешто, силата на судирот е огромна. При фронтален удар, на пример, автомобилите се набиваат во бетонска бариера со брзина до 65 km/h. Да не ја споменуваме ударната сила од воздушните перничиња односно безбедносниот ремен кој се зацврстува околу куклата доста силно. Значи различни удари, различни агли, различна моќност на ударите.
Различни сценарија бараат различни видови на кукли. Освен варијацијата во висина и тежина, има и такви со специфична конструкција, како на пример куклите со специјален рбет за удар од позади.
Производството на најосновниот модел чини околу 130.000 американски долари, а куклата станува уште поскапа кога ќе се додадат големиот број сензори – до 200 илјади долари. Од друга страна најфункционалните кукли, спакувани со што повеќе технологии, кои го симулираат и снимаат однесувањето на човечкото тело, чинат околу половина милион долари, особено ако производителите треба да размислуваат и за висината, тежината, полот итн.
Како и да е, тест куклите досега имаат спасено стотици илјади животи или скоро 330.000 од нивното воведување во 1960 година. Кога еден автомобил нема да успее на тест, инженерите врз основа на податоците од тест куклите точно знаат како да ги поправат слабостите, а со тоа и да ја подобрат безбедноста на патниците.
Колку и да се неверојатно скапи тест куклите, секој денар вреди. И бидејќи тие постојано се подобруваат со нови сензори и технологии, истражувањата стануваат поточни. Ова, заедно со додавањето на нови тестови за автомобилите, доведува до фактот дека во моментов имаме многу побезбедни автомобили во споредба со пред само една или две децении.