За разлика од традиционалните реактори, таканаречените Small Modular Reactors (SMR) или мини модуларни реактори се поевтини и побрзи за изградба и можат да се инсталираат и во бродови и авиони

„Малиот модуларен нуклеарен реактор на Rolls-Royce (SMR) е пред одобрение од британските регулатори и тоа до средината на 2024 година, а електрична енергија би можел да произведува од 2029 година“, вели извршниот директор на Rolls-Royce Small Modular Reactors, Пол Стајн, за Reuters.

Британската влада побарала од нуклеарниот регулатор да го започне процесот на одобрување во март, откако во ноември го поддржала кругот на финансирање на Rolls-Royce од 546 милиони долари за развој на првиот SMR во земјата.

Владата се надева дека SMR ќе помогне да се намали зависноста од фосилни горива и да се намалат емисиите на јаглерод.

Во интервју за Reuters, Стајн рече дека регулаторниот процес е започнат и најверојатно ќе биде завршен до средината на 2024 година.

„Се обидуваме да работиме со Владата и другите за да започнеме со нарачки и да можеме да испорачаме електрична енергија во мрежата до 2029 година“, рече Стајн.

 

Во меѓувреме, Rolls-Royce ќе започне со производство на делови од реакторот за кои не очекува промени во дизајнот.

Малите модуларни реактори од 470 мегавати чинат 1,8 милијарди фунти (2,34 милијарди долари). За разлика од традиционалните реактори, SMR се поевтини и побрзи за изградба, а можат да се инсталираат и во бродови и авиони.

Нивниот „модуларен“ формат значи дека тие можат да бидат испорачани во контејнери од фабриката и релативно брзо инсталирани на која било предложена локација.

Како потсетување, Велика Британија има за цел да го зголеми бројот на работни места во „чиста технологија“ како дел од „зелената индустриска револуција“. Причината е намалувањето на зависноста од фосилните горива во екот на светскиот скок на цените на плинот.

Производството на мали модуларни реактори се очекува да отвори до 40.000 работни места пред 2050 година.

Интересно е тоа и колку простор е потребен за една мини електрана: само една десетина од површината на конвенционална нуклеарна централа или, да речеме, две фудбалски игралишта, а може да напојува речиси милион домови.