Првите примероци од Astra L веќе се симнати од производните ленти во Риселсхајм

Со промената на генерациите, имаше неколку големи промени за компактот на Opel. Покрај напуштањето на технологијата и погонските единици од ерата на Opel GM и преземањето на компоненти од групата PSA, односно денешниот Stellantis, Astra доби и нов дом.

Претходниот компакт се создаваше во фабрика во Полска, но монтажата на тој модел заврши во декември минатата година. Така, нова итерација на германскиот хечбек ќе се произведува во Риселсхајм, веднаш до седиштето на германската марка. Уве Хохгешурц, првиот човек на Opel, истакнува дека доаѓањето на Astra L ќе биде многу важно за таа марка.

„Astra ни дава нов поттик и импулс за продажбата“, вели Хохгешурц. Тој додава дека веќе се монтирани 500 примероци од овој модел, а фабриката во Риселсхајм ќе работи во две смени.

Покрај Astra, во оваа фабрика се произведуваат уште два модели – предводникот Opel Insignia и братскиот DS4.

Од 1991 година, кога пристигна на пазарот, од Astra се испорачани повеќе од 15 милиони единици.