Забраните за продажба на конвенционални возила би можеле да започнат за неколку години
Познатата нафтена компанија, Royal Dutch Shell Plc изнесе очекување дека властите на Велика Британија би можеле да ја забранат продажбата на конвенционални автомобили (бензинци и дизели) по само десет години, како дел од пошироката национална акција насочена кон елиминирање на штетните емисии, што беше проектирано за 2050 година
Забраната, според тоа, би можела да се воведена веќе во 2030 година, но само со спроведување на „вистинска политика и воведување стимуланси“, пишува Шина Линч, директорот на компанијата Shell за територијата на Велика Британија. Тоа би било пет години „пред крајниот рок“ кој го спомна Борис Џонсон како премиер на Владата на островот во февруари. Уште повеќе, тоа би било и порано во однос на 2032 година, што беше поставено како цел од Грант Шепс, државниот секретар задолжен за транспортни прашања.
Владата на Џонсон бара начини да ја спречи продажбата на возила кои користат мотори со внатрешно согорување до средината на следната деценија, со цел да направи изводлив план за елиминација на емисиите на јаглерод до средината на овој век. Токму затоа, нафтените компании, кои својата големина ја постигнаа на крилјата на побарувачката за фосилни горива, се уплашени и бараат алтернативни деловни модели со цел да бидат подготвени за пресвртот во индустријата, и во историјата воопшто.
Најголемите нафтени компании во Европа брзо се подготвуваат за постепен пад на побарувачката за фосилни горива и се повеќе се обидуваат да се вклучат во проекти за производство на електрична енергија, пред се од обновливи извори.
Сепак, сè уште има сериозни пречки за властите на островот да можат да ја забранат продажбата на возила со погон на фосилни горива. Владата мора да се обиде да им обезбеди на клиентите стимул за набавка на електрични автомобили, тврди г-ѓа Линч. Покрај тоа, потребно е да се изгради соодветна инфраструктура, односно станици за полнење. Згора на сето тоа, мрежите за пренос на електрична енергија мора да се прилагодат за значително зголемената побарувачка која ќе се појави, посочува таа.