Оливер Ципсе повторно повика на инвестиции во водородот како алтернатива

Додека многу производители на автомобили кои ги продаваат своите производи во Европа побрзаа да одредат датум за крај на производството на автомобили со мотори со внатрешно согорување, BMW воопшто не брза со таква одлука. Според првиот човек на компанијата – Оливер Ципсе, забраната од 2035 година е огромна грешка.

Говорејќи на настанот „Ден на иновации“ во Ерланген, Баварија, 58-годишниот извршен директор го повтори своето предупредување за потенцијално предвремена забрана за автомобили со конвенционален погон.

„Сметаме дека е погрешно да се забранат моторите со внатрешно согорување во Европа. Индустријата ќе изгледа поинаку во однос на обемот и структурата отколку денес, ако се префрли на само една технологија“, истакнува Ципсе.

Според шефот на баварскиот концерн, „категоричното исклучување“ на моторите со внатрешно согорување ќе доведе до „искривувања кои никој не може да ги контролира“. Ципсе исто така верува дека автомобилската индустрија ги игнорира водородните горивни ќелии како алтернатива.

„Водородните „бензински пумпи“ можат да се градат побрзо од инфраструктурата за полнење на батериите на електричните возила. Всушност, потребни се само 2 дена за да се претвори традиционална пумпа за бензин и дизел во станица за водород“, вели Ципсе.

Тој посочува дека водородот е единствената суровина која може да се произведе и складира. Според Ципсе, времето на автомобилите со таков погон ќе дојде многу брзо, а BMW ќе биде подготвен за тоа. Компанијата во моментов подготвува 100 водородни автомобили базирани на X5, кои ќе бидат тестирани во наредните години. Сериското производство на ваков модел е планирано за 2025 година.