За некои изненадување: Електричниот Jeep Avenger е Европски автомобил на годината за 2023 година / ВИДЕО
Првиот целосно електричен Jeep пред VW ID Buzz и Nissan Ariya
Jeep Avenger е прогласен за европски автомобил на годината за 2023 година на Саемот за автомобили во Брисел, што го прави првиот модел на Jeep кој ја освоил оваа престижна титула.
Во конкуренција во која доминираа електричните возила, првиот електричен автомобил на Jeep, моделот Avenger, според бодирањето на 57 судии, со 328 поени е пред второпласираниот VW ID Buzz со 241 поен и третопласираниот Nissan Ariya so 211 поени.
Позиција / Модел / Поени
- Jeep Avenger / 328
- VW ID Buzz / 241
- Nissan Ariya / 211
- Kia Niro 4 / 200
- Renault Austral / 163
- Peugeot 408 / 149
- Subaru Solterra/Toyota bZ4X / 133
Изборот за Европски автомобил на годината за првпат е одржан во 1964 година кога победата ја носи иновативниот модел 2000 на Rover. Со исклучок на автомобили како што се Rover 3500 (1977), Porsche 928 (1978) и Citroen XM (1990), европските судии вообичаено предноста ја даваат на достапните, мејнстрим возила.
Како и да е, ова не е прв пат електричен автомобил да ја добие главната европска награда. Nissan Leaf (2011), Jaguar I-Pace (2019) и Kia EV6 (2022) се исто така „електричари“ кои успеале да бидат пред моделите со внатрешно согорување во последната деценија.
Жирито составено од професионални автомобилски новинари од целиот континент обично се состои од 61 член, но не и оваа година поради отсуството на четворица руски судии од веќе познати причини односно инвазијата на нивната земја на Украина. Секој од членовите на жирито на располагање има 25 поени, но тие мора да ги поделат на најмалку пет автомобили и не можат да дадат повеќе од 10 поени на едно возило.