За да го купите овој автомобил, прво мора да се регистрирате за лет во вселената
По безбројните специјални изведби, на ред е веројатно најбесмислената
Специјалното издание е на Land Rover, а како што сугерира името, Range Rover Astronaut Edition може да го купат само оние кои планираат да одат во вселената. И тоа не е било како, туку ако се пријавиле за лет со Virgin Galactic. Тоа значи дека тие веќе потрошиле 250.000 долари, а такви нема повеќе од 700.
Rang Rover „за астронаути“ се базира на веќе и онака скапиот и ексклузивен SVAutobiography, сега со дополнителни уникатни детали. Покрај специјалната сина нијанса Zero Gravity за надворешноста, страничните ретровизори вклучуваат светла кои на асфалтот ќе остават траг во вид на SpaceShip Two.
Во салонот пак е буквално вграден дел од леталото кое во декември минатата година го направи својот прв лет. Покрај тоа, во држачот за чаши има диск со цитат од основачот на Virgin, додека во другиот се испишани деталите за летот. Откако клиентот всушност ќе полета во вселената, тој ќе добие сувенир од својот лет, и ќе може да го вгради во автомобилот.
Под капакот на моторот е поставен хибрид, P400e со преку 400 КС и електрична автономија од 42 километри. Исто така е можно да се добие и класика компресорски V8 со 525 КС.
Купувачот со лет од 250.000 долари, исто така, мора да смета и на не многу малата цена на Range Rover.