Новата, втора генерација на BMW Серија 2 Coupe премиерно дебитираше преку интернет пред јавната премиера на овогодинешното издание на Goodwood Festival of Speed

 

Задржувајќи го погонот на задните тркала како стандард, како и силуетата со повлечена кабина наназад, новитетот го негува духот на баварската марка и алудира на клиентите кои бараат возење со емоции.

Првично, ќе биде достапен во три верзии: 220i со 2.0-литарски турбо мотор со 184 КС и 300 Nm, 220d (благ хибрид) со 2.0-литарски турбодизел со 191 КС и 400 Nm и M240i xDrive, кој под хаубата има 3.0-литарски реден 6-цилиндeрски мотор. Последниот модел е исто така перјаница во понудата, а располага со 374 КС и 500 Nm.

Секој од моделите користи 8-степен автоматски менувач со функции „Launch Control“ и „Sprint“. M240i во игра вклучува и електронски заден диференцијал со акцент на подобрени возни карактеристики, додека погонскиот систем xDrive е програмиран да гравитира кон задните тркала во стариот добар стил на BMW. Во текот на летото 2022 година, ќе пристигне и 230i со 245 КС, достапен со диференцијал на задната оска.

Новиот предводник од место до 100 km/h забрзува за 4,3 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h.

Креирано со агилност и динамика на ум, новото баварско купе е малку поголемо од претходникот – должина 4.537 mm, ширина 1.838 mm и висина од 1.390 mm. Меѓуоскиното растојание е продолжено за 51 милиметар, што придонесува за „моќен атлетски став“. Поширокaта трага од тркалата напред и назад, заедно со со 12 проценти подобрена торзиона крутост и сооднос на масата по осовините од 50:50, придонесува за поагилно проаѓање во свиоците.

Иако во суштина новитетот е верен на општата силуета на претходникот, новата серија 2 Coupe е сеопфатно редизајнирана за да биде на исто ниво со поновите модели на BMW, како што се Серија 3 и Z4.

Повеќето веројатно ќе кажат, за среќа, но „ноздрите“ кои ги „красат“ сериите 4, М3 и М4, не го нашле своето место во Серија 2 Coupe, каде е усвоено поконвенционално решение во форма на познатите „бубрези“.

Што се однесува до M240i, тој може да се препознае по повеќе квадратните издувни цевки, предниот сплитер, задниот спојлер, сивите елементи на облогата и уникатните 19-инчни M Sport бандажи. Стилскиот пакет M Sport вклучува и тркала од 18 инчи, прилагодливи LED фарови, варијабилно спортско управување и ред други опции.

Во кабината можат да се сместат четири лица, додека предните седишта по избор се електрично прилагодливи и опремени со систем за греење. Пред возачот е мултифункционален управувач во спортски стил и табла ориентирана кон возачот.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1Q_N1IHrFDErzDEPE7qtjksg_eBG1paj8″ maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Нарачките за новата BMW Серија 2 Купе започнуваат на почетокот на 2022 година.