По Insignia, Opel ќе претстави GSi издание и на својот популарен модел од B сегментот – Corsа

За прв пат, Corsa GSi се појавува во 1988 година со моќност од 100 КС, како замена за Corsa GT, а сега, 30 години по дебито, доаѓа нова генерација.

Corsa GSi под капакот на моторот ќе има 1.4-литарски турбо мотор со 150 КС при 5.000 вртежи во минута. Забрзувањето од 0-100 km/h ќе изнесува 8,9 секунди, а максималната брзина ќе биде 207 km/h.

За споредба, Corsa OPC има 1.6-литарски мотор од 207 КС, забрзување од 6,8 и максимална брзина од 230 km/h.

Од Opel истакнуваат дека нивниот фокус со варијантата GSi не е на моќноста, туку управливоста и чувството на патот.

Германските медиуми шпекулираат дека Corsa GSi ќе биде поевтина околу 5.000 евра споредбено со варијантата OPC.

Така, за 20.000 евра купувачот ќе добие визуелно поагресивен автомобил со три врати со нова предна маска односно решетка на ладилникот, поголеми отвори за воздух, ретровизори пресвлечени со карбон-фибер, заден спојлер, спортски заден браник…

Со доплата се можни 18-инчни алуминиумски фелни, а внатре Recaro спортски седишта, спортски волан и кожен тапацир преку рачка на менувачот, како и IntelliLink мултимедијален систем.

На пазарот ќе се појави веројатно оваа година.