Малиот теренец ќе се вика XC20 или XC30, а ќе биде достапен и во електрична верзија

Шведскиот производител Volvo развива уште еден нов SUV модел, кој ќе биде сместен во Б сегментот и од самиот почеток на продажбата ќе биде достапен и во електрична верзија. Ова го потврди Хакан Самуелсон, извршен директор и претседател на Volvo, цитиран од Carmagazine.

Шведската компанија е свесна дека пазарот главно бара кросовери и затоа ги насочуваат своите напори во оваа класа. Новиот теренец ќе се вика XC20 или XC30 и ќе игра важна улога во плановите на Volvo да стане производител на целосно електрични модели во 2030 година.

Скандинавскиот производител ќе ја користи истата шема како и кај XC40. Сега е достапен само во електрична верзија – Recharge. Новиот компактен кросовер е дизајниран да биде конкурент на Ford Puma, Opel Mokka и Peugeot e-2008, што значи дека ќе има само еден електромотор на предната оска.

Што се однесува до километражата, техничкиот директор на Volvo, Хенрик Грин, го изрази своето незадоволство од ограничувањата што ги носи батеријата. Сепак, тој посочи дека системите на моделот, вклучувајќи го и капацитетот на батеријата, ќе можат да се ажурираат од далечина, како што е случајот со Tesla. На овој начин, малиот теренец ќе може да добие зголемување на километражата односно автономијата со едно полнење.