Volvo потврди – првиот електричен модел на брендот ќе биде XC40
Овој компактен SUV ќе биде првото Volvo кое ќе добие чист електричен погон
Ова го изјави Томас Ингенлат, шеф на дизајнот во шведскиот бренд, кој е заслужен за појавувањето на новите генерации на автомобили од шведскиот бренд.
Ингенлат во интервју за Autocar, за време на презентацијата на новиот S60, потврди дека електричната верзија на XC40 ќе стигне по Polestar, брендот кој е одвоен од Volvo и кој ќе го лансира својот втор електрифициран автомобил во 2019 година, а кој ќе биде означен како „2“.
Polestar 1 беше премиерно прикажан во октомври 2017 година како прв самостоен модел на брендот кој претходно беше познат по модификации на Volvo автомобилите. Станува збор за спортско хибридно купе со 600 коњски сили.
По електричниот XC40, ќе следи и XC90 во електрична варијанта, но дури во 2021 година кога ќе биде претставена новата, трета генерација на овој голем SUV. Инаку, идниот Volvo XC90 ќе се произведува во фабриката во САД, каде што се прави и новиот S60.
Ингенлат вели дека Volvo ќе се фокусира на електрични верзии на постојните модели, наместо да развива посебен модел кој ќе има погон на струја.
Според него, Polestar ќе биде оној кој ќе развива модели исклучиво со електричен погон.