Во гамата на производителот, помалиот модел ќе биде поставен под XC40, а поголемиот над XC90

Volvo работи на чисто електрична верзија на XC40, која треба да се појави подоцна во текот на годината, што не е сè, бидејќи според најновите извештаи шведскиот бренд работи на проширување на SUV / crossover линијата.

По рекордната шестмесечна продажба оваа година (340.000 возила испорачани низ целиот свет), Volvo сака да го врати растот на профитот, кој беше загрозен во првата половина од годината поради различни тарифи и „зголемениот притисок врз оперативните профити на пазарите кои бележат пад“.

Едно можно решение би можело да биде додавање на нов предводник модел во SUV портфолиото, модел кој ќе биде поставен над XC90, како и уште еден влезен, под XC40.

„Не ја исклучуваме идејата за додавање на нови модели, особено во клучните сегменти како SUV / Crossover“, вели шефот на Volvo, Хакан Самуелсон. Во игра може да бидат еден голем, но исто така и помал модел. Ова е изненадување за иднина“.

Иако ова не може да се нарече директна потврда, зборовите на човекот кој е број 1 во Volvo претставуваат јасна индикација, барем во однос на она што се дискутира во управувачката структура на компанијата. Покрај тоа, последните коментари на Самуелсон се во согласност со неговото признание дека „премиумот“ се повеќе се одвојува од поимот за големина, бидејќи „помалите автомобили исто така може да бидат премиум“.

Тој исто така потврдува дека Volvo поседува капацитети за производство за понатамошен раст на производството, дури и преку 800.000 единици, што е годишна цел на компанијата. На SUV / crossover сегментот се однесува околу 61 процент од вкупната продажба на брендот во текот на првите шест месеци од 2019 година, што е за 10 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Шведската фирма проценува дека оваа бројка наскоро ќе се зголеми на 70 проценти.