Извршниот директор на Volvo, Хакан Самуелсон, пред околу една година изјави дека се планира укинување на некои S и V модели, со цел фокусирање кон теренците/кросовер модели.

 

Во тоа време, тој оваа одлука ја оправда со тоа што повеќе од 75 отсто од продажбата се однесува на моделите XC. Ако се премотаат работите до денес, ќе се види дека шефот на Volvo во меѓувреме повторно дал некои изјави, но во однос на регуларните автомобили.

Шведскиот бренд во сопственост на Geely нема да ги отфрли лимузините и караваните, и покрај фактот што XC60 се продавал подобро од комбинираната продажба на S60 / V60 и S90 / V90 во првите три квартали од минатата година. Сепак, следната S и V генерација е на пат и ќе биде „поатрактивна“ од кога било досега, со низок профил и поелегантен изглед.

Семјуелсон додава дека наследниците на денешните лимузини и каравани ќе бидат нешто помалку „кутиести“, со цел да се подобрат аеродинамичните атрибути, а со тоа и ефикасноста. Mercedes го зазеде истиот курс, а предвесник на идните времиња е концептот Vision EQXX, со повеќе од импресивен коефициент на отпор на воздухот од само 0,17.

Семјуелсон, кој во март ќе биде заменет од поранешниот шеф на групата Dyson, Џим Роуан, изјави дека ревидираните модели S и V ќе имаат „купе“ силуета.

Како што e познато, Volvo се обврза да стане производител на чисто електрични возила, но тоа нема да се случи до крајот на оваа деценија. Во меѓувреме, ќе уживаме во уште една генерација на автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Како ќе се промени номенклатурата со целосната електрификација се уште не е целосно јасно, но идниот XC90 во електричното издание најверојатно ќе ја носи ознаката „Embla“. Ќе се базира на наменска електрична платформа, на која би можел да се најде и идниот поголем теренец, чиј претходник е Concept Recharge, а во сериско издание би требало да пристигне во 2023 година.