Ова е електричната иднина на Volvo: Recharge Concept / ФОТО+ВИДЕО
Концептниот Recharge кросовер ќе биде основата на новиот XC90
Шведскиот производител Volvo ќе се трансформира во производител на чисто електрични автомобили. Компанијата го претстави својот нов концепт Recharge, кој е позициониран како „манифест на следната генерација на целосно електрични модели“.
Кросоверот Recharge Concept изгледа многу порадикално од сегашните XC60 и XC90, отелотворувајќи ја новата дизајнерска филозофија. Таа е потчинета на идејата за „помалку, но подобро“, бидејќи дизајнерите одлучија да се ослободат од непотребните елементи.
Решетката на ладилникот е заменета со „структура слична на штит“ со светлечко лого на Volvo, опкружена со ново толкување на фаровите во стилот на „чеканот на Тор“. Моделот добил рачки на вратите кои може да се вовлечат, панорамски стаклен покрив, LiDAR сензор поставен на покривот… Забележливо е и дека задните врати се отвораат наспроти насоката на движење.
Задните светла се поставени вертикално, комбинирани со „крила“, кои се зголемуваат при поголеми брзини и со тоа ја подобруваат севкупната аеродинамика на автомобилот. Концептот може да се пофали со мал заден браник, закривена врата на багажникот и спојлер.
Идејата за „помалку, но подобро“ продолжува во салонот, каде возачот го чека минималистичка табла со 15-инчен дисплеј од инфо-забавниот систем. Дигитална инструмент табла е засебна и е поставена на самиот столб за воланот. Места за патници има четири, одделени со „лебдечки“ централни конзоли. Целиот ентериер е изработен од еколошки материјали.
Концептниот модел е изграден на нова платформа развиена специјално за електрични автомобили. Ова овозможува постигнување на целосно рамен под, за разлика од првата генерација на електрични модели на компанијата, во која овој дел е како кај автомобилите со мотори со внатрешно согорување.
Иако технички Recharge е само концепт, се очекува да биде основа на следниот Volvo XC90. Премиерата на кросоверот ќе се одржи во 2022 година.