Шведската марка сака да го намали бројот на сообраќајни незгоди, a како една од мерките се наведува електронско ограничување на максималната брзина на своите возила на 180 km/h

Со својата стратегија наречена Vision 2020, Volvo има намера во иднина да спречи жртви во своите автомобили во сообраќајни несреќи.

Швеѓаните наведуваат дека електронското ограничување на максималната брзина ќе важи за повеќето од нивните возила, со исклучок на оние опремени со дизел мотори. Бидејќи дизелите во Volvo веќе се прогласени за застарена технологија, тогаш е сосема јасна постапката на раководството на компанијата.

Како една од пречките зошто порано не поставиле помала максимална брзина за нивните модели, челниците на Volvo го посочуваат ставот на германската конкуренција, која лимитот го држи на 250 km/h. Освен тоа, од Volvo велат дека имале желба да ја постават границата уште пониско, со максимална дозволена брзина во однос на земјата каде е купен автомобилот, но стравуваат дека ваквиот драстичен чекор ќе и наштети на продажбата.

Volvo тврди дека, покрај големата брзина на движење на автомобилот која сама по себе е ризична, друг фактор на ризик е дека одредени системи за помош на возачот не работат откако ќе се надмине одредена брзина.

Ова значи дека пионерот во безбедноста на патиштата кога станува збор за автомобилите ја продолжува својата добра традиција.