Volvo ја менува номенклатурата за имињата на моделите
Шведската марка се откажува од сегашниот систем за означување на моделите, кој вклучува комбинирање на букви и броеви
Според последните вести, наследникот на големиот кросовер наречен Volvo XC90 повеќе нема да ја носи истата ознака. Ниту, пак, тоа ќе биде случајот со индексот XC100, како што се претпоставуваше дека ќе се вика моделот кој треба да вплови во повисок сегмент од пазарот. Имено, Volvo суштински ќе ја промени целата номенклатура, што донесува своевидна мала револуција која подразбира крај на алфанумеричките имиња. Затоа, заборавете на „S“ во скандинавските седани, како и на буквата „V“ за караваните. Кратенките „XC“ за кросоверите нема да бидат споменати, ниту пак купеата или компактните автомобили ќе носат буква „C“. Јасно е дека дури и бројот до тие букви нема да зборува повеќе за големината на моделот.
Шефот на шведската марка Хакан Самуелсон потврди дека идните модели на Volvo ќе го носат вистинското, „крстено“ име, на начин на кој бебињата го добиваат при раѓање. За споредба, метафората што ја користи шефот на брендот Volvo не е избрана случајно, туку промената во номенклатурата се поклопува со преминот на брендот кон чисто електричен погон, што ќе се случи пред да го видиме почетокот на новата деценија.
Така, веќе сега може да се потврди дека наследникот на SUV моделот XC90 ќе биде електричен автомобил, како што веќе навестува концептот Recharge, инаку претставен пред неколку недели. Сепак, ниту Recharge нема да се користи како име за серискиот модел. Споменатиот Хакан Самуелсон вели дека конкретно име сè уште не е избрано.
На овој начин, Volvo се издвојува и се откажува од сегашната типологија на ознака на моделите. Швеѓаните се откажуваат од она што Германците од Volkswagen штотуку го усвоија со семејството со моделот ID, или во Mercedes со ознаката EQ, па дури и BMW со „i“. Тука е и она „EV“ од Kia…