Volvo е против забраната за бензински и дизел мотори во 2035 година
Шведската компанија го напушта здружението на производители на автомобили
Volvo не е задоволен од одлуката за забрана за производство на нови автомобили кои користат фосилни горива во ЕУ од 2035 година. И додека повеќето производители ја поддржуваат одлуката, а некои тивко се противат затоа што е премногу строга, Volvo смета дека одлуката е премногу блага. Ова е причината зошто шведскиот производител донесе драстична одлука, а тоа е повлекување од Европската асоцијација на автомобилски производители ACEA.
ACEA е со седиште во Белгија и ги обединува сите најважни производители кои продаваат и произведуваат автомобили во Европа. Членови на ACEA моментално се BMW Group, Ferrari, Ford, Honda, Hyundai, Jaguar Land Rover, Mercedes, Renault Group, Stellantis, Toyota, Volkswagen Group и Volvo.
Од крајот на оваа година, во тоа друштво повеќе нема да го има Volvo кој не се согласува со стратегијата на ACEA за постигнување нула емисија на CO2 во патниот сообраќај. Volvo се обврза целосно да ги елиминира автомобилите што емитуваат CO2 од својата понуда до 2030 година.
Volvo се залагаше ЕУ да гласа за забрана од 2030 година, но Европскиот парламент гласаше за многу поблагиот пристап на ACEA со забрана од 2035 година и исклучоци кои сè уште можат да ги одржат „живи“ автомобилите на бензин и дизел.
Поради ова, ACEA се најде во ненадејни проблеми. Веќе претходно, Stellantis го најави своето заминување од здружението поради неговиот нов пристап кон решавање на предизвиците и проблемите на идната мобилност и оддалечување од традиционалното лобирање што ACEA вообичаено го спроведува.