Volkswagen верува дека годинава ќе продаде 100.000 примероци од моделот ID.4
Дали електричниот SUV ќе биде поуспешен од неговиот помал брат – ID.3?
Германскиот автомобилски гигант веќе започна со производство на моделот ID.4 и според нивните предвидувања, тие веруваат дека во текот на 2021 година ќе забележaт 100.000 испорачани единици од ова електрично возило. Моделот ID.4 ќе се монтира во фабриката во Цвикау, Германија, како и во два погони во Кина.
Покрај овие погони, Volkswagen во 2022 година ќе започне со производство на ID.4 на уште две локации, во Емден во Германија, како и во Чатануга, САД.
Кога станува збор за планираните 100.000 продадени единици во текот на оваа година, управата на Volkswagen посочува дека 2/3 од овој број ќе завршат во Европа, а преостанатата третина ќе најде сопственици во Кина и САД
Ова значи дека германската марка смета на зголемениот апетит на Европјаните за електрични автомобили, но и во теренскиот сегмент и верува дека може да постигне многу добри продажни резултати.
„ID.4 игра многу важна улога. Со овој модел, Volkswagen го проширува своето портфолио на електрични возила во најбрзо растечкиот сегмент на глобално ниво – а тоа се компактните SUV модели“, изјави шефот на германскиот производител Ралф Брандштетер.
Volkswagen веќе потврди дека добиле 17.000 нарачки за ID.4. Испораките во Европа треба да започнат во март, додека првите примероци во САД ќе пристигнат во средината на годината.
Моделот ID.4 е моментално достапен во две варијанти, кога станува збор за капацитетот на батеријата – со 52 kWh или 77 kWh. Најевтината варијанта на овој електричен SUV во Германија има почетна цена од 38.450 евра, што е за 7.000 европски банкноти повеќе од најприфатливото издание на моделот ID.3.