Volkswagen се обидува да ја продаде фабриката во Русија?!
По Nissan и во Volkswagen наводно донеле одлука за трајно напуштање на Русија
Станува збор за фабриката во Калуга, југозападно од Москва, каде производството запре поради санкциите наметнати од Европа и САД. Бидејќи и сега, по неколкумесечна војна, нема можност за никакво нормализирање на односите, се чини дека Volkswagen се повеќе е склон да ја продаде фабриката.
„Frankfurter Allgemeine Zeitung“ објави дека продажбата на фабриката што Volkswagen ја отвори во 2009 година е сè поверојатно. Своевремено Владимир Путин лично го удостои отворањето со своето присуство, пофалувајќи го „патриотското производство“ на модели како VW Tiguan и Škoda Octavia. Неименуваниот менаџер на фабриката неодамна изјавил дека со секоја нова фаза на ескалација на војната се намалува веројатноста во догледно време да почнат со производство.
Од Volkswagen за Automotive News Europe велат дека во моментов испитуваат неколку различни сценарија поврзани со фабриката во Русија. Конечната одлука не е донесена, но се чини дека продажбата на фабриката е наједноставното решение. Неименуван извор близок до раководството на Volkswagen вели дека постои јасна волја за повлекување од земјата.
Како потсетување, Volkswagen претходно ја затвори фабриката во Нижни Новгород со која раководеше GAZ. Во фабриката во Калуга беа вработени околу 4.200 работници, а беше резултат на инвестиција од една милијарда евра.