Иако светските медиуми во изминатиот период опширно пишуваа за можно спојување на Ford и Volkswagen, но како што стојат работите од тоа нема да има ништо, барем не спојување во буквална смисла

Имено, покрај другите одлуки донесени на состанокот на надзорниот одбор, а во врска со идните инвестиции во истражување и развој, и пратечки производствени рокади, првиот човек на Volkswagen, Херберт Дис, изјави дека разговорите со Ford напредуваат во позитивен дух, но дека спојување на двете компании никогаш не било предмет на расправа, ниту пак е во план.

Соработката ќе биде строго ограничена на „заеднички развој и производство на гама на лесни комерцијални возила“. Покрај тоа, соработката ќе вклучува и размена на знаења од други области.

Повеќе конкретни детали за идното партнерство ќе има до крајот на годината, но она што сега е недвосмислено јасно, е она што и челниците на германскиот конгломерат го наведуваат:

„Ford и Volkswagen, секако, ќе останат ривали, бидејќи идната соработка нема да се одрази на стратегиите врзани за комерцијалното, маркетиншкото како и ценовно позиционирање”.