Volkswagen на CES го покажа конкурентот на Tesla Model 3 – електричниот седан ID.7 / ФОТО
Volkswagen на CES пристигна со нов член на ID. семејството на електрични автомобили
Станува збор за седанот ID.7, изложен на CES во Лас Вегас. Ова е прв пат Volkswagen официјално да го покаже ID.7, иако всушност каросеријата е „скриена со дигитална камуфлажа“. И покрај тоа, може да се претпостави како всушност ќе изгледа автомобилот кога ќе биде целосно откриен.
ID.7 се базира на платформата MEB и има импресивно меѓуоскино растојание – 2.969 mm или 94 mm повеќе од Tesla Model 3 и 20 mm повеќе од Ioniq 6. Исто така е 165 mm повеќе од Passat со моторен погон, што значи навистина пространа кабина.
Директорот на Volkswagen, Томас Шафер, вели дека ID.7 ја проширува електричната понуда во горните сегменти, како и деке нуди супериорна технологија и квалитет. Во внатрешноста има нов 15-инчен екран на допир, електрични лизгачи за управување со системите, AR head-up дисплеј, па дури и дигитално контролирани отвори за воздух кои автоматски ја прилагодуваат температурата во автомобилот во зависност од надворешната температура. Ќе бидат достапни и гласовни контроли „Hello Volkswagen“ за контрола на основните функции.
Капацитетот на батеријата се уште не е познат, како и цената на автомобилот. Од Volkswagen велат дека досегот ќе биде околу 700 километри според европскиот циклус WLTP.
Новиот ID.7 ќе се нуди на три континенти: Европа, Азија и Северна Америка. Производството во Емден, Германија, ќе започне во 2023 година.