Volkswagen лансира спортски ориентиран карго ван со GTI вибрации / ФОТО
Transporter T6.1 доби спуштена суспензија и мотор со 201 коњски сили
Volkswagen најави лансирање на спортска верзија на своjот популарен товарен ван Transporter T6.1. Машината добила додаток Sportline кон своето име, а може да се пофали со агресивен изглед и спуштена суспензија.
Импресивно делуваат и стилските фелни од 18-инчи, како и црвените елементи на надворешноста. Суспензијата на T6.1 Sportline е за 30 mm пониска од онаа на стандардниот модел. Направени се и некои аеродинамички промени, со фокус на предниот браник и дополнителниот спојлер на покривот.
Фотографии од салонот нема, освен што од компанијата велат дека таму ќе бидат инсталирани спортски седишта со Nappa кожа. Спортскиот карго ван добива и голем број технологии, вклучително и дигитална инструмент табла. Тука се и премиум аудио системот, навигација Discover Media, како и низа на асистенти за возачот, вклучително и прилагодлив темпомат, систем за итно запирање, предни и задни сензори за паркирање, камера за рикверц…
Во однос на моќноста, VW Transporter во верзијата Sportline не претрпел промени во моторот. Товарното комбе е придвижувано од 2.0-литарски TDI со 201 КС, кои се дистрибуираат преку 7-брзински роботизиран DSG менувач. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 8,9 секунди.
VW Transporter T6.1 Sportline ќе биде достапен со кратко и долго меѓуоскино растојание. Цените се познати засега за Велика Британија, каде што почнуваат од 42.940 фунти. Sportline Black Edition, кој ќе биде достапен само со кратко меѓуоскино растојание, чини 49.450 фунти.