Новото лого ќе биде откриено во септември на Саемот за автомобили во Франкфурт

Германскиот производител во Франкфурт и официјално ја започнува транзицијата кон електрични автомобили со лансирање на првиот електричен модел од ID семејството – хечбекот VW ID.3. Истата премиера ќе биде и повод за премиерата на новото, модернизирано лого, кое треба да ја симболизира претстојната електрификација на Volkswagen.

Како што велат во овој авто гигант, новото лого ќе биде „посмело и пошарено“ во однос на сегашното, иако не се очекува Volkswagen да ја смени карактеристичната структура на амблемот што е комбинација од буквите V и W.

Новото лого ќе се вклопи во стратегијата на компанијата – Transform 2025+, која беше усвоена од производителот со седиште во Волфсбург пред четири години, по дизел аферата. Новото лого прво ќе биде имплементирано во Европа, а потоа и во Кина во октомври.

Во почетокот на 2020 година, логото ќе биде претставено во Северна и Јужна Америка, како и на други глобални пазари. На крајот, новиот амблем ќе се користи во 171 земја – секаде каде Volkswagen е присутен, како во производствените погони, така и во дилерската мрежа.