Volkswagen ја „спасува“ традицијата! Oрганизира средба на фановите на GTI во Волфсбург наместо Worthersee
Volkswagen најде решение како да го „спаси“ традиционалниот собир на фанови на GTI откако беше објавено дека од легендарниот Worthersee во Австрија веќе нема ништо
Фановите на GTI моделите од групацијата Volkswagen се собираат околу езерото Вортерзе во Австрија уште од далечната 1982 година за да ги покажат своите сакани автомобили и да споделат идеи за тјунинг. Меѓутоа, локалната заедница одлучи дека повеќе не сака да биде домаќин на настанот, па фановите на овие модели на четири тркала останаа „оставени на цедило“. За среќа, Volkswagen одлучи да го „спаси денот“ и од следната година собирот ќе го организира во Волфсбург.
Плановите на Volkswagen за 2024 година го вклучуваат таканаречениот настан GTI Coming Home, кој ќе биде домаќин на ентузијасти и љубители на спортските, перформантни и егзотични модели на Volkswagen во близина на фабриката на Volkswagen во Волфсбург.
Секако, настанот нема да биде резервиран само за моделите на VW, добредојдени се и автомобили од други марки од групацијата.
„Нашите GTI фанови се исклучително важни за Volkswagen и комуникацијата со нив е многу вредна. Затоа, по откажувањето на GTI собирот на езерото Вортерзе, прилично брзо решивме да и понудиме на GTI заедницата нов дом во Волфсбург“, вели шефот за маркетинг на Volkswagen, Имелда Лабе.
Покрај тоа што ќе биде домаќин на настанот во иднина, Volkswagen сака да направи еволуција со нови идеи кои ќе дојдат директно од фановите. Има време до следната година, па компанијата ќе разговара за идеите со фановите и ќе се обиде да ги спроведе на најдобар можен начин. За 2024 година VW вети презентации на автомобили, клубски собири, разни настани и изненадувања.
Што се однесува до локацијата во Австрија, локалната заедница беше незадоволна поради неофицијалните собири во изминатите години, каде често имаше проблеми и полициски интервенции. Градоначалникот Маркус Пердахер вели дека сака градот да создаде „атрактивни и одржливи простори за живеење“, кои очигледно не се совпаѓаат со концептот на собирање ентузијасти.