Модификацијата GTI Clubsport развива 300 коњски сили

Новиот Volkswagen Golf GTI, кој дебитираше оваа пролет, доби нова модификација – Clubsport. Во моментов, ова е најбрзиот и најмоќен Golf од осмата генерација на моделот.

Под хаубата на овој Hot Hatch се наоѓа 2.0-литарски бензински турбо-мотор, чија моќност е зголемена од 245 КС и 370 Nm на 300 КС и 400 Nm. Истиот мотор се наоѓа и во Seat Leon Cupra. Со него, Golf GTI Clubsport од 0 до 100 km/h стигнува за помалку од 6 секунди, а неговата максимална брзина е 250 km/h.

На овој начин, GTI Clubsport ја надминува претходната верзија на моделот од 2016 година, која располагаше со 265 КС, а во режим Overboost истата се зголемуваше на 290 КС во период од 10 секунди. Овде не се вбројува верзијата Clubsport S со 310 КС, која во еден момент го држеше рекордот на Нирбургринг за автомобили со погон на предните тркала, а чие производство беше ограничено на 400 единици.

За разлика од основниот Golf GTI, верзијата Clubsport не е достапна со мануелен менувач, туку само со 7-брзински роботизиран менувач. Верзијата добива и електромеханичко заклучување на диференцијалот, прилагодена шасија, намален клиренс, поголеми сопирачки и дополнителни аеродинамички елементи.

Опремата на автомобилот исто така вклучува не само можност за ограничување на работата на системот за стабилизација, туку и негово целосно исклучување. Ако асистенитет на возачот детектираат итна ситуација, тогаш ESC се активира самостојно.

GTI Clubsport има систем за менување на режимите на движење Vehicle Dynamics Manager, во кој на досега познатите Eco, Comfort, Sport и Individual модови се додава уште еден, достапен само за Golf GTI Clubsport – Special. Во овој режим сите системи се прилагодени на специфичните карактеристики на Нирбургринг. За време на тестовите на легендарната патека, оваа верзија дала 13 секунди подобро време од стандардниот Golf GTI.

По GTI Clubsport, ќе се појават уште две „жешки“ верзии од семејството. Тоа се Golf GTI TCR и Golf R, кои ќе имаат систем за погон на четири тркала, а ќе располагаат со 300, односно 333 коњски сили.