Hot hatch моделот со 320 КС и 4×4 погон е врв во понудата за моделот

Осмата генерација на Volkswagen Golf го доби својот нов предводник во гамата – спортската верзија со традиционалната ознака R во своето име. Поради сите ограничувања предизвикани од пандемијата на коронавирус, моделот беше официјално претставен на Интернет.

Новиот VW Golf R добива 2.0-литарски бензински турбо мотор со 320 КС и 420 Nm, кој е поставен на иста платформа како и Arteon R и Tiguan R. Компанијата објави дека е направено сериозно дополнување на моќноста, но треба да се напомене дека со фејслифтот на седмата генерација на моделот во 2016 година, перформансите на моторот се зголемија од 300 КС и 380 Nm на 310 КС и 400 Nm.

Подоцна, кога Европа го воведе новиот WLTP циклус за мерење на емисиите, кој го замени претходниот NEDC, моќноста на моторот на претходниот Golf R повторно се намали за 10 КС, за моделот да ги исполнува CO2 стандардите.

Моторот на Golf R може да се комбинира со 6-степен мануелен менувач или 7-степен DSG. Volkswagen е особено горд на новиот систем за погон на сите тркала наречен R-Performance Torque Vectoring. Станува збор за унапреден погон на сите четири тркала со систем за векторирање на вртежниот момент. Тоа значи дека вака опремениот Golf R е во состојба да пренесе 100% од моќноста на тркалата од левата или десната страна, што би требало значително да го подобри однесувањето во свиоците и да го елиминира подуправувањето.

Кога станува збор за перформансите, Golf R е во состојба да забрза до стотка за само 4,6 секунди! Максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h, иако опционално може да се зголеми на 270 km/h.

Како и Volkswagen Golf GTI Clubsport, новиот Golf R е тестиран на Нирбургринг, каде што се направени најновите поставки. Хечбекот добива специјален режим, дизајниран за легендарната германска патека, како и режим Drift, кој ја заклучува предната оска. Стандардни режими се Comfort, Sport, Race и Individual, но нема Eco.

Дизајн

Промените на надворешноста кај новиот Golf R се сосема јасни, особено ако ги погледнете промените во споредба со претходната генерација на овој потентен модел. На предната страна видлива е новата решетка, различните и попривлечни браници, како и поголемите отвори за воздух. Инсталирана е и долга LED-лента, која се пали кога ќе се запали возилото и продолжува да ја толкува улогата на дневни светла.

Новиот Golf R доаѓа стандардно со 18-инчни тркала, а опционално се достапни и 19-инчни.

На задниот дел се издвојуваат новиот спојлер на покривот, големиот дифузер и четирите краја на издувните цевки изработени во титаниум од страна на Акраповиќ! Но, тоа е исто така дел од опционалната опрема на овој hot hatch.

Промени во салонот има, но не многу, бидејќи Golf R се базира на основниот концепт како и кај стандардниот Golf од осмата итерација. Значи, два екрана доминираат пред возачот, едниот за контрола на инфо-забавниот систем, додека другиот е инструмент таблата. Голема промена се новите спортски седишта и мултифункционалниот управувач тапациран во кожа.

Покрај фабричката Lapiz Blue Metallic боја, моделот ќе биде достапен и во бела и црна боја. 

https://youtu.be/NPopG6P_q9s

Продажбата на новиот Golf R ќе стартува во 2021 година, а цените сеуште не се познати