Најмалиот кросовер на марката ќе се произведува во Шпанија

Само пред неколку дена стана јасно дека Volkswagen подготвува премиера на нов кросовер за Европа, за сега и официјално да биде објавено неговото име – Taigo.

Станува збор за најмалиот теренец во гамата на брендот, а производителот со седиште во Волфсбург покажа и скици од кои може да се добие престава за дизајнот. Тој е динамичен и емотивен, што сугерира дека главната клиентела кон која цели Volkswagen со овој модел се младите.

Технички детали за Taigo нема, но од компанијата наведуваат дека тој се базира на моделот Nivus, развиен и продадван во Бразил. Ова значи дека кросоверот ја користи платформата MQB A0 (иста како VW T-Cross и Polo). Соодветно на тоа, должината на моделот ќе биде 4,26 метри (тоа е случај и со Nivus), а волуменот на багажникот ќе биде 415 литри.

„Новиот модел ќе понуди и голем број системи за помош, како и модерна комуникациска поврзаност“, се вели во официјалното соопштение од Волфсбург. Додадено е дека Taigo ќе излезе на пазарот со економични TSI мотори, вклучени во стандардната опрема LED фарови, модерен концепт за контрола на функциите, целосно дигитална инструмент табла и голем број системи за асистенција.

Премиерата на најмалиот европски теренец на Volkswagen ќе се одржи ова лето. Кросоверот ќе се произведува во Памплона (Шпанија), а неговата продажба ќе започне на крајот од 2021 година.