Volkswagen: Автомобилските саеми се речиси „мртви“
Откако бројни големи производители најавија дека тие се откажуваат од некои популарни автомобилски саеми следната година, а оној во Детроит е префрлен за јуни 2020 година, се почести се дебатите дали овој тип на настани имаат иднина
Ова воопшто не е ново прашање и веќе неколку години циркулира во автомобилската индустрија, бидејќи саемите за автомобили одамна го изгубија шармот и улогата што ја имаат со децении, но ретко кој производител самостојно го доведуваше тоа во прашање.
Според Australian Motoring, директорот на групата VW, Херберт Дис, за време на Фестивалот на брзината во Гудвуд во јули изјавил дека традиционалните автомобилски саеми се „мртви“. Поточно, Дис изјавил дека тие се производ на 60-тите години на минатиот век и веќе не се важни. Тие веќе не им носат на производителите она што тие сакаат, ниту она што корисниците го бараат.
Дека директорот на VW не открил топла вода докажува и фактот дека повеќето производители своите нови модели, особено оние најважните, на јавноста ги покажуваат надвор од големите саеми, често избирајќи помали настани како на пример оној во Goodwood, поради поголема интеракција со посетителите.
Исто така, има се повеќе и повеќе самостојни церемонии на претставување, како што тоа го направи Jagua минатата година со E-Pace или Volvo со S60 неодамна.
Важна улога во „убивањето“ на автомобилските саеми игра и технологијата, а производителите се повеќе се свртуваат кон социјалните мрежи, бидејќи таму допираат до многу повеќе луѓе отколку што се успева на саемите, а тоа е многу полесно и многу поевтино.
Трошоците за доаѓање на саем на еден поголем производител на спортски автомобили често изнесуваат повеќе од еден милион долари, огромна сума што може да се инвестира во поважни работи од самата презентацијата на возилото.
Се разбира, автомобислките саеми нема туку така да исчезнат, но производителите се почесто ќе пропуштаат големи настани и веројатно ќе се концентрираат само на неколку од нив во текот на годината.