Со двата новинарски денови, денес во Франкфурт започнува 68-то издание на реномираниот Меѓународен салон за автомобили. Портите на Саемот на посетителите ќе бидат отворени од 12-22 септември

Станува збор за една од најголемите автомобилски манифестации во светот на европско тло која се одржува во втората половина од годината наизменично во Франкфурт и Париз, а оваа година домаќин е германскиот град.

Како и претходното, така и ова издание на Салонот за автомобили во Франкфурт ќе се разликува од оние поранешните, пред се поради фактот што многу познати глобални марки на автомобили решија да не учествуваат. Според сите досегашни информации, оваа година во Франкфурт нема да се појават Alpine, Aston Martin, Citroen, Dacia, DS, Ferrari, Abarth, Alfa Romeo, FIAT, Chrysler, Jeep, брендовите на General Motors – Chevrolet и Cadillac, Infiniti, Mazda, Mitsubishi, Nissan, Peugeot, Rolls-Royce, Subaru, Suzuki, Toyota и Volvo. Премногу. Следствено, веднаш се поставува прашањето – дали класичните автомобилски саеми се пред умирање?

Салонот за автомобили во Франкфурт, по својата важност и големина, е во самиот врв на светските автомобилски настани од овој вид, а заедно со салонот во Женева кој секоја година се одржува во месец март, најважната манифестација од овој вид на европско тло, па логично се поставува прашањето која е пресметката на споменатите брендови кои оваа година нема да се појават на штандовите на саемот во Франкфурт.

Една од причините за отсуството е секако високата цена на учеството, бидејќи салонот во Франкфурт е исклучително скап за излагачите. Покрај тоа, некогаш големите автомобилски саеми беа место каде што купувачите за прв пат ги запознаваа новите модели и беа во можност да се запознаат со сите детали за возилото што ги интересирало.

Денес, ваквите изложби го губат тоа значење, бидејќи производителите сега можат побрзо, поевтино и поефикасно да стигнат до својата целна група користејќи ги интернетот и социјалните мрежи преку кои тие точно можат да ги таргетираат потенцијалните клиенти. Затоа, тие со право се прашуваат: зошто би потрошиле милиони евра на статични презентации под саемските куполи, кога за многу помала сума пари може да се направи ефективно промотивно видео и прецизно да се пласира до публиката преку мрежи како Facebook, Twitter, YouTube…

Како и да е, публиката во Франкфурт, сепак ќе може да види бројни европски и светски премиери на нови или рестилизирани модели, како и многу концептни автомобили кои ги најавуваат идните трендови во автомобилската индустрија. Повеќето производители веќе ги најавија своите нови модели, додека некои премиери се чуваат во тајност.

Така, Porsche за прв пат пред публика ќе го покаже својот прв електричен модел – Taycan, Land Rover ќе го запознае светот со целосно новиот Defender, додека Honda во Франкфурт пристигнува со симпатичниот мал електричен автомобил во ретро стил, кој носи едноставна ознака – Е.

BMW ќе ја претстави својата најголема купе-лимузина, луксузната Серија 8 Gran Coupe, како и новиот X6. Audi ги претставува новите RS7 и RS6 Avant, додека Mercedes на јавноста и ги претставува новиот компактен SUV со 7 седишта – GLB, како и новиот GLE Coupe.

Lamborghini за прв пат пред публика ќе го претстави новиот скап суперспортски автомобил – Sian, кој чини дури 3,3 милиони евра.

Покрај овие ексклузиви, големо внимание треба да привлечат и автомобилите кои се меѓу најпродаваните во светот како новата Opel Corsa или втората генерација на Renault Capture. Hyundai во Франкфурт го претстави целосно новиот i10, а Kia компактниот кросовер модел Kia XCeed.

Можеби еден од најважните новитети помеѓу останатите кои ќе можат да се видат во Франкфурт е компактниот хечбек Volkswagen ID.3 – електричниот еквивалент на Golf.

Како и претходните години, така и оваа, ДодајГас ќе се обиде да ви ги претстави најинтереснит моменти и премиери од Салонот за автомобили во Франкфурт. Се читаме.