По 12 години успешно партнерство со Renault, Formula 1 тимот на Red Bull преоѓа на нов снабдувач на мотори, јапонската Honda

Шефот на тимот на Red Bull, Кристијан Хорнер вели дека со нетрпение го очекува префрлувањето на моторите на Honda, како и тоа дека тимот е воодушевен од новите измени и подобрувања кои производителот ги покажал на Јапонското ГП. Иако Red Bull во годините пред хибридната ера доминираше во Formula 1, по воведувањето на новите правила успеаја да победат на само 11 трки во последните четири сезони и се далеку од тоа да бидат сериозен ривал за титулата и кај конструкторите и за возачката титула.

„Ние сме импресионирани од напредокот на Honda оваа година. Во моментов работиме на преоѓање на нивните мотори и прилагодување на агрегатот во нашата шасија. Досега комуникацијата се одвиваше непречено, немам на што да се пожалам“, изјави за новинарите Кристијан Хорнер.

Првиот човек на Formula 1 тимот на Red Bull, вели дека нивната желба е да се премости големиот јаз што во моментов постои помеѓу нив и водечкиот Mercedes, а за такво нешто потребен е далеку подобар погонски систем од сегашниот.

Шефот на спортскиот оддел на Honda, Масаши Јамамото, е убеден во успешната соработка со Red Bull.

„Што се однесува до 2019 година, многу сме возбудени што ќе имаме можност да работиме со овој врвен тим“, вели Јамамото.