Во пожарот на бродот Felicity Ace целосно изгореа автомобили чија вредност е над 300 милиони евра!
Пожарот на бродот се гаси бидејќи веќе и нема што да изгори од 3.965-те возила на концернот VW
Како што информиравме деновиве, минатата среда во близина на Азорските острови на транспортниот брод Felicity Ace кој превезуваше околу 4.000 возила од концернот VW избувна катастрофален пожар.
Засега не е позната причината за пожарот, но сега веќе се знае дека на бродот имало точно 3.965 возила од концернот VW, меѓу кои околу 1.100 Porsche модели, над 150 Bentley… Вкупната вредност на опожарените возила се проценува на над 300 милиони евра.
Пожарот почнал да се гаси во вторникот, бидејќи како што објаснува капетанот на бродот Жоао Мендес Кабекас, на бродот останал малку запалив материјал, што во превод значи нема што повеќе да гори, во споредба со тоа што изгореа сите автомобили.
Кабекас претходно изјави дека пожарот го „одржувале“ литиум-јонските батерии од електричните автомобили и дека пожарот со голема брзина се приближувал до резервоарите за гориво на бродот, до кои за среќа не стигнал благодарение на спасувачките тимови.
Причинетата штета се однесува само на товарот, а во неа не се вклучени трошоците за санација на животната средина, оштетувањето на бродот, обесштетувањето на екипажот и трошоците за спасувачката операција.