Во пожар кој избувнал за време на новогодишната ноќ во гаража во Ливерпул, изгореле околу 1.400 возила

Додека, по старата „добра“ традиција почетокот на Нова Година насекаде низ светот се прославуваше со огномети и други пиротехнички средства, пожарникарите во Ливерпул имале полни раце работа да ја локализираат огнената стихија која избила во една јавна гаража во тој град.

Според шефот на противпожарната служба на Ливерпул, пожарот избувнал под хаубата на еден Land Rover Discovery, која бил паркиран на второто ниво од гаражата, и пламенот брзо го зафатил останатиот дел од зградата и други паркирани автомобили.

Според него, пожарот веројатно ќе можел да се стави под контрола или целосно да се изгасне уште на самиот почеток ако во гаражата имало систем на распрскувачи на вода кој автоматски се активира во случај на пожар.

Британски Гардијан известува дека во борбата со пламените јазици учествување 12 противпожарни возила, три летала и 85 пожарникари, но за жал само неколку возила на највисокото ниво и во аглите на гаражата останале неоштетени. За среќа, има само тројца повредени без изгубени животи.

Гаражата со капацитет од 1.600 паркинг места е лоцирана во близина на Ехо Арената во Ливерпул, во која требало да се одржи шоу програма во која учествуваат коњи, но претставата е откажана поради пожарот.