Веројатно најголемата икона меѓу суперавтомобилите на сите времиња наводно добива „римејк“. Овде не станува збор за неофицијален рендер, ниту гласина, туку вест која доаѓа директно од Lamborghini, а пораката е јасна: „Доаѓа Countach“

Имено, италијанскиот бренд сподели видео во траење од 20 секунди, во кое може да се видат постери на класичниот Countach. Клипот завршува во далечина со едвај видлив „клинест“ автомобил и едноставна порака – „Доаѓа новиот Lamborghini Countach“.

Се разбира, веројатно веднаш на ум ви доаѓаат многу прашања, но не сте единствените. Она што се гледа засега е единственото нешто што може да се сподели. Тизер фотографијата без сомнение покажува автомобил со карактеристична, „клинеста“ форма, а отсуството на задно крило може да сугерира дека овој Countach наоѓа инспирација во претходните модели од седумдесеттите години. Од друга страна, можеби тоа е компонента која излегува од каросеријата по потреба?

Дали овде се работи за целосно нов модел или модифицирано тело на Aventador? Дали новиот Countach ќе биде сериска машина или само копија за изложба? Пораката на Lamborghini е за иднината, па можно е да станува збор за концепт кој ги прикажува идните насоки за производителот од Санта Агата. Ова иницира интересно прашање – дали Countach може да биде демонстрација на чисто електричен погон?

Она што го знаеме е дека Aventador Ultimae во моментов е последниот чист V12 суперавтомобил на Lamborghini, а исто така се знае дека 12-цилиндерскиот мотор ќе продолжи да „живее“ во хибриден формат. Можеби токму тоа е рецептот кој ќе го користи Countach? Италијанците веќе го потврдија доаѓањето на новиот модел V12 со суперкондензатор, па што се однесува до Countach, можностите се различни.

Своевремено, Countach го „преврте“ автомобилскиот свет наопаку со дебито на прототипот во 1971 година со „ножички“ врати. Дизајнот за кој станува збор веќе тогаш е далеку пред своето време, до тој степен што Countach сеуште изгледа футуристички и по 50 години.