Во градот од 25 милиони жители во април не е продаден ниту еден автомобил
„Заклучувањето“ предизвика огромни нарушувања во синџирот на снабдување и целосно ја уништи потрошувачката во втората по големина економија во светот
Во последниве недели, Шангај стана симбол на бруталната Ковид репресија. Во сенка на војната во Украина, жителите на најголемиот град во Кина се „тероризирани“ од епидемиолошката политика која оди дотаму што ги одвојува родителите од децата поради инфекцијата. Доколку децата се позитивни на тестот, тие се одземаат од нивните родители и се носат кај привремени старатели, а доколку родителите се позитивни, тие мора да се пријават на посебни локации. Се разбира, без деца.
Во вакви нехумани услови за живеење најмалку е важна продажбата на автомобили, но колку ескалирала ситуацијата докажува фактот што во април не е продаден ниту еден автомобил.
Иако властите минатата недела најавија дека ќе дозволат „ниски нивоа на активност“ во некои области, на жителите не им било дозволено да излезат надвор од нивните станбени комплекси.
Според CNN, околу 980.000 луѓе сè уште се под најстрога форма на изолација, додека многу други надвор од тие зони велат дека се исто така затворени во станбени комплекси. Токму поради ваквите ограничувања, речиси сите дилери на автомобили се затворени со недели, а продажбата е чиста нула.
Минатата година во Шангај се продадени 736.700 нови автомобили.