Во Германија масовно се кршат забраните за возење на постари дизели
Многу возачи не се придржуваат кон забраните за возење на постари дизел автомобили во Германија. Ова особено важи за Дармштат, иако казните за предметниот прекршок се највисоки
Во Хамбург, Берлин, Штутгарт и Дармштат, властите досега регистрирале повеќе од 15.000 прекршувања на транзитните забрани за постари дизел автомобили. Изречени се казни од околу 1,6 милиони евра, иако сè уште не се знае колку ќе биде конечниот број на пријави. Покрај тоа, веројатно ќе има значително повеќе непријавени прекршоци.
Меѓу наведените градови, Дармштат е на врвот од листата. Откако е воведено ограничувањето за постари модели со дизел, но и бензински мотори, во почетокот на јуни 2019 година, 12.137 возачи на автомобили и камиони не го почитувале истото. Забраната за возење се однесува на двете најголеми сообраќајни артерии во градот, а се однесува на дизел моделите до стандардот Еуро 5 и за бензинци со стандард до Еуро 2. Во обете зони инма и ограничување на брзината до 30 km/h. Според градските власти, прекршоците во Дармштат биле регистрирани скоро исклучиво преку камерите за контрола на брзината и поминување на црвено светло на раскрсница. За возачите кои се откриени, постои и класификација според степенот на загадување.
Слично е и во Штутгарт. Посебни контроли за забранетите дизели нема. Ако, на пример, автомобил бил снимен или фатен за време на неовластено паркирање, истовремено се проверува дали е предмет на рестриктивните мерки за возење. Во Штутгарт минатата година се регистрирани 2.943 кршења на забраната за возење за постари дизел возила.
Податоците се за периодот од април до крајот на декември 2019 година.