Во Франција можете да заглавите во затвор за возење на тјуниран електричен велосипед
Доколку сакате да возите велосипед побрзо од 25 km/h во оваа земја, тоа ќе мора да го правите вртејќи со педалите
Франција не гледа со наклон кон сопствениците на електрични велосипеди кои ги тјунираат своите превозни средства. Во оваа европска земја е донесен закон кој дозволува „сторителите“ на вакво дело да бидат осудени на максимална казна од 30.000 евра и затворска казна до една година, а притоа може да им биде суспендирана и возачката дозвола до три години, пренесува Engadget.com.
Во законот нема ниту предупредувања ниту дупки – сторете било што за да ја зголемите брзината на својот електричен велосипед и ќе го почувствувате на сопствена кожа новиот закон, познат како француска законска одредба L317-1. Правилата важат и за увозниците, дистрибутерите и трговците.
Брзината на електричните велосипеди е регулирана низ цела ЕУ, но максималната дозволена брзина за стандардните електрични велосипеди во Франција е 25 km/h, што е релативно бавно, дури и кога ќе се спореди со стандардните велосипеди, така што воопшто не е изненадување што возачите ги модифицираат своите миленици на две тркала, дали со промена на поставките или со промена на хардверот. Обично, електричните велосипеди се испорачуваат во две варијанти, за европскиот и американскиот пазар. Бидејќи американските регулативи овозможуваат брзина до 32 km/h, не е невообичаено за европските возачи да прават промени за дополнителна моќност.
Електричните велосипеди се доста популарни во Франција, но возачите не секогаш користат кациги, а со тоа очигледно е дека судирите со побрзите возила се поопасни. Електричните велосипеди и скутери (кои Франција исто така ги има ограничено) се покажале како опасност за пешаците – што е проблем кој службените лица се обидуваат да го сузбијат пред општинските избори во градовите како Париз, на пример. Ваквите строги казни е малку веројатно дека ќе бидат изрекувани во целост, особено затоа што законот ќе биде предизвик да се спроведе, но секако е дизајниран да ги обесхрабри „жешките“ глави. Сепак власите сугерираат дека нема да се плашат да казнат поединци со цел законот да биде сериозно сватен.