Внимавајте, се снима: Автомобилите чуваат еден куп податоци!
Со оглед на тоа дека инфо-забавните системи обично не се „заклучуваат“ со лозинка или отпечаток од прст, полицијата има полесен пристап
Не е тајна дека паметните телефони собираат многу податоци за сопствениците, но автомобилите се уште поголема ризница на информации. Од телефонски повици и SMS-пораки до тоа каде сте патувале… Сепак, тоа е само гребење по површината, бидејќи некои возила собираат многу повеќе податоци.
Во случајот за кој станува збор во овој напис, односно механичар од Мичиген кој бил мистериозно убиен во 2017 година по што поминале скоро две години без ниту едно апсење, детективите го истражиле возилото на жртвата, Chevrolet Silverado, украден во исто време со убиството.
Што открила полицијата? Снимки од туѓ глас кој избира функции на инфо-забавниот систем по пат на говорни команди.
Властите дозволиле на семејството на жртвата да ги преслуша снимките, по што тие можеле да го идентификуваат лицето како Џошуа Весел, кој со жртвата вршел механичка работа на автомобили и мотори. Со името на наводниот убиец, полицијата успеала да ги реконструира последните часови пред убиството и да го уапси Весел.
Возилата, исто така, складираат и низа други податоци, вклучително и брзина и забрзување, како и кога вратите се отвораат и затвораат. Тие исто така можат да складираат говорни команди, употреба на сигурносен појас и детали како кога и каде биле вклучени светлата.
Затоа возилата се извор на информации во такви ситуации. Иако овие информации може да ги доведат криминалците пред лицето на правдата, постои голема загриженост во врска со приватноста и следењето. Бидејќи системите за инфо-забава обично не се „заклучуваат“ со лозинка или отпечаток од прст, полицијата има полесен пристап. Затоа, службениците за спроведување на законот понекогаш можат полесно да извлечат инкриминирачки SMS-пораки, повици или датотеки од автомобил отколку што можат од мобилниот телефон на осомничениот.