Вистински убавец! Новиот Maserati GranTurismo пристигнува со бензински мотори и електрична верзија од 761 КС / ФОТО
Maserati официјално го покажа купето од новата генерација, кое е достапно во три варијанти – Modena, Trofeo и Folgore
Maserati веќе во неколку наврати ја покажа дизајнерската насока на новата генерација на купето GranTurismo преку делумно камуфлирани примероци, за сега Италијанците конечно да го претстават автомобилот во целосно производствена форма без никаква камуфлажа.
Новата генерација, која се базира на нова лесна платформа од алуминиум, магнезиум и челик, пораснала во сите димензии: долга е 4.959 mm, широка 1.957 mm и висока 1.353 mm, додека меѓуоскиното растојание е 2.929 mm.
Дизајнерски, моделот се базира на претходната генерација (2007-2019) со долга хауба и низок нос, но страните сега се поизразени.
Генерално, дизајнерите успеале да ја задржат карактеристичната странична линија и висина доста ниски, додека растојанието помеѓу предните тркала и вратата сега е поголемо, токму според правилата за градење на класични GT автомобили.
Дизајнот не е премногу „накитен“, но вниманието го привлекуваат деталите како што се капакот на моторот со интегрирани отвори за ладење, карактеристичниот амблем на трозабецот на маската и светлата кои потсетуваат на оние од моделите MC20 и Grecalе. Назад се поставени тесни хоризонтални светла од LED технологија.
Достапни се три верзии: Modena, Trofeo и Folgore, секоја со свој дизајнерски израз.
Maserati GranTurismo Trofeo
Кај Folgore, предниот браник има помали отвори и различен шаблон на маската од Modena која има темни детали, додека Trofeo има најизразен спортски дизајн.
Сите три верзии се достапни со неколку дизајни на алуминиумски бандажи од 20 и 21 инчи, при што кај (електричниот) Folgore имаат најинтересен дизајн бидејќи тие се специјално оптимизирани за најдобри аеродинамички перформанси.
Позади, Modena и Trofeo имаат по две споени издувни цевки, додека електричниот модел нема издувни цевки, што ја карактеризира неговата природа како автомобил со нулта емисија.
Сопствениот 3.0-литарски твин-турбо V6 Nettuno на Maserati е речиси идентичен со моторот во MC20. Тука е и функцијата за деактивирање на цилиндрите за подобрена ефикасност додека силата се испраќа на задните тркала преку ZF 8-брзински автоматски менувач. Возачот притоа може да избере помеѓу пет режими на возење – Comfort, GT, Sport, Corsa и ESC-Off.
Во почетниот модел GranTurismo Modenа „Nettuno“ постигнува 496 КС и 600 Nm и од место до 100 km/h стигнува за 3,9 секунди, а максималната брзина е 302 km/h.
GranTurismo Trofeo е ориентиран кон перформанси и има помоќна верзија на V6 моторот со 557 КС и 650 Nm, а до 100 km/h спринта за 3,2 секунди и не запира до 320 km/h.
Maserati GranTurismo Modena
Целосно електричниот GranTurismo Folgore, иако најтежок (2.260 kg), е и најмоќниот модел на Maserati воопшто со комбинирана моќност од 761 КС и неверојатни 1.350 Nm.
Во овој модел, архитектурата од 800 волти се состои од три електромотори со траен магнет кои произведуваат по 408 КС, додека батеријата во форма на Т има капацитет од 92,5 kWh, што е технологија од Formula Е.
Folgore има совршен сооднос на тежина (50:50) благодарение на поставеноста на батеријата (во Modena и Trofeo распределбата на тежината напред/назад е 52:48 поради тежината на V6 напред).
Силата се пренесува на сите четири тркала со помош на векторирање на вртежниот момент. Folgore добива и дополнителен режим на возење наречен Max Range, кога перформансите не се приоритет, туку опсегот. И тие се импресивни: до 100 km/h Folgore спринта за 2,7 секунди, до 200 km/h за 8,8 секунди, додека максималната брзина е 320 km/h.
Maserati GranTurismo Folgore
Maserati допрва треба да објави фотографии од внатрешноста, но веќе ги опишаа технолошките карактеристики на кабината, истакнувајќи дека може да седат четири возрасни лица благодарение на паметниот распоред на кабината и дизајнот на покривот.
Од Maserati велат дека доаѓа со целосно дигитален кокпит кој се состои од 12,2-инчна конфигурирана дигитален инструмент табла, head-up дисплеј, 12,3-инчен централен инфозабавен екран на допир и уште 8,8-инчен екран на допир пред совозачот.
Цените не се објавени, но познато е дека првите испораки ширум светот ќе започнат во првиот квартал на 2023 година за сите варијанти на погонски агрегат.