Верстапен најбрз во возбудливите квалификации за ГН на Канада / ВИДЕО
Гридот за денешната трка е целосно измешан и речиси сигурно ќе имаме исклучителна вечер, без разлика на временските услови
Возачите ги пречекаа исти временски услови како и на третиот тренинг, а тоа значеше дека сите мораа повторно да ги користат гумите за дожд. Интересно е што во Q1 не се случи ниту еден инцидент, а времињата постојано се подобруваа. Сè се сведе на совршен тајминг за поставување брзи кругови, а на крајот Верстапен имаше најдобро време од 1:32.219 сек пред Алонсо и Магнусен.
Најдебелиот крај во лотаријата на крајот од сесијата го извлекоа Гасли, Фетел. Строл, Латифи и Цунода кои не поминаа во Q2. Особено болно беше за Aston Martin, кој во вакви услови изгледаше одлично на третиот тренинг.
На почетокот на Q2, дел од возачите решија да користат гуми за променливи услови и тоа се покажа како добра одлука. Меѓутоа, пред другите да стигнат да се вратат во боксовите, се случи инцидент односно Серхио Перез удри во заштитниот ѕид и се заглави во тревата.
The slippery conditions caught Checo out in qualifying ?#CanadianGP #F1 pic.twitter.com/AjVLMtR45V
— Formula 1 (@F1) June 18, 2022
Поради тоа беше истакнато црвено знаме, а на часовникот останаа уште девет минути.
После тоа, сите се префрлија на гуми за променливи услови, а патеката веќе беше многу посува. Затоа, времињата паѓаа со молскавична брзина, а Верстапен беше најбрз на крајот од сесијата со време од 1:23.746 пред Алонсо и Расел.
Под линијата беа Ботас, Албон, Перез, Норис кој имаше технички проблем и Леклер, кој очекувано поради казната не учествуваше во Q2.
Во Q3, Верстапен на почртокот го диктираше темпото и имаше голема предност на првиот сет на гуми. Во вториот обид го подобри своето време и се чинеше дека Саинц ќе го загрози, но Шпанецот погреши во последниот свиок што го чинеше можна пол-позиција. Ова го искористи Алонсо, кој викендов го потврди доброто темпо на Alpine и го освои второто место.
Четвртото место му припадна на Хамилтон, додека на петтото и шестото место се најдоа возачите на Haas, Магнусен и Шумахер кои „летаа“ на квалификациите.
Седмото место му припадна на Окон, Расел се обиде во финишот со меки гуми, но тоа беше грешка па на крајот заврши како осми пред Рикијардо и Џоу кои ја комплетираа првата десетка.
Трката за ГН на Канада се вози вечерва со почеток во 20.00 часот.